Белорускиот шампион и освојувач на СЕХА лигата, Мешков Брест, го именуваше српскиот стручњак Ненад Пуљезевиќ за нов главен тренер на тимот. Во стручниот штаб ќе остане и Василиј Островски, кој ќе му биде асистент.
Пуљезевиќ зад себе има богата играчка кариера. Како голман настапуваше за српските Црвена Звезда, Партизан и Колубара, црногорски Ловќен, а седум сезони помина во унгарски ПИК Сегед. Исто така, пет години бранеше во Германија за Хановер и Хутенберг, а настапуваше и за швајцарски Шафхаузен.
Во текот на кариерата освои шампионски титули во Југославија, Унгарија и Швајцарија, како и национални купови и Супер купот на Швајцарија. Зад себе има повеќе од 150 натпревари во Лигата на шампионите, а настапуваше и за репрезентациите на Југославија и Унгарија.
Тренерската кариера ја започна во Хановер, а потоа работеше како тренер на голмани и во младинските категории на Шафхаузен. Беше дел и од германски Данзенберг, како и од белградски Партизан.
Од 2019 до 2024 година работеше во катарски Ал Араби како тренер на голмани, а повремено и како главен тренер. Со клубот ги освои азиската Лига на шампиони и шампионатот на Катар во сезоната 2019/20. Пред доаѓањето во Мешков Брест, Пуљезевиќ една сезона мина во Црвена Звезда, а сега ќе има задача да го предводи белорускиот гигант во одбраната на домашната титула и трофејот во СЕХА лигата.

























