НОВ ИЗБОР НА 24РАКОМЕТ: Публиката ќе ги бира „Ракометар(к)ите на месецот“

Наместо избор по секое коло, 24Ракомет од оваа сезона воведува ново признание - „Ракометар на месецот“. Редакцијата ќе номинира петмина играчи, а конечниот збор ќе го имаат читателите преку онлајн гласање.

Специјализираниот медиум за ракомет во Македонија, 24Ракомет продолжува со изборите во кои главниот збор го имаат љубителите на ракометот, но од оваа сезона со нов формат. Наместо досегашниот избор за „Играч на колото“, секој месец ќе ги избираме „Ракометарот и ракометарката на месецот“ во македонската Супер лига.

Промената доаѓа со желба изборот да опфати поголем период и повеќе натпревари, а со тоа и повеќе ракометари да добијат можност да се најдат меѓу кандидатите, но и се разбира да има и посилна конкуренција.

Едно коло често носи неколку одлични индивидуални партии, но еден натпревар не секогаш е доволен за да се вреднува формата и континуитетот на еден играч. Со новиот избор ќе се земаат предвид настапите во текот на целиот месец, во кој екипите имаат повеќе натпревари, дерби пресметки и различни предизвици.

Редакцијата на 24Ракомет секој месец ќе издвојува пет ракометари кои со своите настапи најмногу се истакнале во изминатиот период. Ќе го потенцираме нивниот придонес во успехот на екипата, поради што се на листата.

Потоа изборот го преземате Вие.

На 24Ракомет ќе биде отворено онлајн гласање, а ракометарот што ќе добие најмногу гласови од публиката ќе биде прогласен за „Ракометар на месецот“.

При номинирањето ќе се вреднуваат индивидуалниот учинок, континуитетот, влијанието врз резултатите на екипата и настапите на најважните натпревари во текот на месецот. Целта е во изборот да се најдат играчи кои навистина го одбележале периодот зад нас, без разлика на позицијата на која настапуваат.

Новиот формат го заменува досегашниот избор за „Играч на колото“, додека во женска конкуренција досега читателите на 24Ракомет ја избираа и „Ѕвездата на колото“.

Но, една традиција останува непроменета.

На крајот на сезоната 24Ракомет повторно ќе го организира традиционалниот избор за ALL STAR тимот на сезоната. Како и досега, ќе се избираат најдобрите на сите седум позиции – голман, лево крило, лев бек, среден бек, десен бек, десно крило и пивот, а ќе бидат доделени признанија и за најдобар дефанзивец, млад ракометар и тренер.

Во последниот избор за сезоната 2025/2026 во конечната одлука учествуваа три сегменти – публиката, македонските новинари кои го следат ракометот и редакцијата на 24Ракомет.

До изборот на најдобрите за целата сезона има уште многу ракомет. Пред тоа, секој месец ќе имаме нова трка.

Пет кандидати…a изборот e Ваш…