Матлиески: Оваа победа е за сите навивачи и за Кавадарци, ќе спремиме некое изненадување за реваншот!

Тимот на Тиквеш од Кавадарци се израдува на триумф над австрискиот Кремс со 33-29 во првиот меч од втората рунда на Европскиот Куп.

Кавадарчани во неколку наврати водеа и со седум гола разлика, но уморот не дозволи да се радуваат на повисока победа. Тренерот Никола Матлиески е задоволен од изданието на неговите ракометари.

„Тежок натпревар, дали оваа предност ќе биде доволна ќе видиме во сабота. Некогаш еден гол е многу, некогаш седум се малку, па ни останува само добро да се подготвиме за реваншот во Австрија. Тие играа како што очекувавме, но очекувани беа и осцилациите што ги имавме ние. Не стига уморот, тешко е да се игра вторник-четврток-недела, секоја чест за играчите што истрчаа многу и го издржаа ова темпо. Паднавме на некои договорени работи во одбрана, јас верувам и во голманите, и мислам дека наредниот меч тие ќе бидат наши најдобри играчи“, вели Матлиески.

Тој смета дека Тиквеш не го кажал последниот збор и дека ќе има некое изненадување на реваншот.

„Јас мислам дека ќе најдеме некое изненадување за реваншот, но целта ми е да се рекуперираме како што треба. Оваа недела не чека уште еден меч од набиениот распоред, чекаме термин за Еурофарм Пелистер 2. Се надевам дека ќе имаме доволно време да се спремиме и за тој натпревар. Ова е победа на играчите, на публиката, на градот Кавадарци и ова е добро за македонскиот ракомет што уште еден претставник има успешен настап во Европа“, заврши Матлиески.

Натпреварот меѓу Кремс и Тиквеш се игра в сабота на 21 октомври со почеток во 19:00 часот.

Кавадарци по 13 години се радуваше повторно на европска победа