Репрезентацијата на Македонија во натпревар од 2. коло од групната фаза на Светското првенство 2025 беше поразена од Холандија со 37:32, па така црвено-жолтите во главната фаза ќе пренесат само бод, оној од дуелот со Унгарија.
Македонија го отвори натпреварот, но бргу возвратија Холанѓаните за 1:1, а по пет минути игра го презедоа водството, најпрво поведоа со 3:2, потоа дојдоа и до плус два гола разлика, 4:2.
По предноста на Холандија од 5:3, нашата репрезентација со голот на Митев намали на 5:4, а Кузмановски од пенал не успеа да реализира за нерешено. Ниту избраниците на Олсон не играа на ниво, па така Македонија преку Велковски дојде до 5:5 во 10-та минута.
Беше 7:7 пред Македонија да дојде до 8:7 кон средината на првиот дел, но „лалињата“ беа многу брзи и во 15-та минута имаше две деветки на семафорот. Се играше гол за гол, а во 22-та минута црвен картон заработи Петар Атанасијевиќ.
Иако Македонија играше добра одбрана, сепак, во последните осум минути имаше кризен период, па така Холандија по негативата од 13:12 успеа да направи серија од 6:0, поведе со плус четири, 17:13. До крајот на полувремето Серафимов постигна два гола, а Холандија даде еден за 18:15 на полувреме.
Холандија на стартот на вториот дел искористи дел од од нашите грешки за 20:15, додека Македонија првиот гол во второто полувреме го постигна во 33-та минута преку кружниот напаѓач Марко Стојковиќ. Избраниците на Лазаров во 38-та минута се вратија на минус два, 23:21, но брзите Холанѓани со два гола во низа повторно се одлепија на четири плус, 25:21.
Имаше периоди кога Македонија се закануваше, се враќаше на минус два, а Холандија преку Смитс и Стеинс речиси постојано реализираше. Во 48-та минута предноста на Холандија беше 27:25, додека две минути подоцна имаше 29:25. Веќе тука беше јасно дека нашата репрезентација ќе има тежок предизвик за камбек.
Филип Кузмановски беше најефикасен во таборот на Македонија, постигна девет погодоци, шест додаде Мартин Серафимов, четири имаше Марко Митев.