Во досега одиграните пет натпревари од 3. коло во машката кадетска лига беа постигнати 332 гола. Најголемиот пресврт го направи Пролет, додека Куманово му го нанесе првиот пораз на Младост.
Пролет против Струга губеше со седум гола разлика на почеток на второто полувреме, но успеа да победи со 31-30. Филип Коцев постигна 13 гола и беше најефикасен ракометар во досега одиграните средби од колото.
ГРУПА А
Пролет се врати од 14-21 и ја доби драмата со Струга
Струга подобро го отвори натпреварот против Пролет. Гостите поведоа со 6-2 во десеттата минута, на полувремето имаа 16-11, а по паузата стигнаа и до највисоки 21-14. Тогаш почна враќањето на скопскиот тим. Пролет постепено ја топеше негативата, израмни на 26-26, а во 51. минута преку Филип Коцев првпат поведе во вториот дел – 27-26. Во завршницата домаќините стигнаа до 31-29, Струга погоди за 31-30, но голот во последната секунда не беше доволен за да го избегне поразот.
Гостите имаа 9 исклучувања на мечот, од што пет во периодот кога Пролет се врати во игра. Коцев го заврши натпреварот со 13 гола, Дамјан Алкушоски постигна осум, а Марио Поповиќ пет. Кај Струга, Горазд Ојлески даде 11, додека Јордан Танаскоски и Давор Ферукоски постигнаа по шест погодоци.
Прилеп „падна“ по паузата во Автокоманда
Прилеп држеше приклучок во првото полувреме на гостувањето кај „сино-белите“ во Автокоманда. По 20 минути беше 8-8, а на паузата домашниот тим имаше предност од 15-13. Домашните се одлепија во продолжението. Во 40. минута водеа со 20-16, пет минути подоцна со 23-16, а во последниот дел од средбата ја зголемија разликата до конечни 37-21.
Лука Георѓиевски беше најефикасен кај победникот со шест гола. Иван Великов, Мартин Грашески и Димитри Колески постигнаа по пет. За Прилеп, Марко Ивцев даде десет погодоци.
Преспа беше во егал на паузата, но загуби во Битола
Еурофарм Пелистер сега е лидер на табелата со „три од три“, откако славеше против Преспа со 32-28.
На паузата ресенскиот состав имаше реми, 13-13, но домаќините беа надмоќни во второто полувреме и на крајот заслужно прославија нови два бода.
Во победничкиот состав се истакнаа Матеј Мачковски со десет и Иван Колеќески со девет погодоци, додека Виктор Ѓорѓиевски стрелаше десет пати за Преспа.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
ГРУПА Б
Куманово му го нанесе првиот пораз на Младост
МРК Куманово ја запиша втората победа во исто толку натпревари, откако дома го совлада Младост со 39-33. По израмнетиот почеток, кумановци постепено ја преземаа контролата и на полувремето водеа со 18-15.
Во вториот дел домаќините ја одржуваа предноста. Во 40. минута беше 25-20, а во завршницата Куманово не дозволи Младост сериозно да се доближи. За гостите ова е прв пораз по двете победи на стартот од сезоната.
Дариан Николовски постигна 11 гола за Куманово, Михаил Стојановски десет, а Михаел Милановски и Немања Цветковски по шест. Кај Младост, Матеј Митев даде десет, Антонио Каракабаков осум, а Стојан Иванџиков шест гола.
Македонија Ѓорче Петров ја направи разликата во првиот дел
Текстилец беше во игра во почетните минути од гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров, но домаќините потоа направија голема разлика. Од 7-5 стигнаа до 14-5 во 20. минута, а на паузата водеа со 23-12.
Македонија Ѓорче Петров го задржа темпото и во второто полувреме. Во 40. минута имаше предност од 34-19, а конечниот резултат беше 44-29.
Димитар Трајковски постигна седум гола за победничкиот тим, Теодор Гиевски шест, а Нино Ристовски пет. Кај Текстилец, Матеј Каранфиловски даде 11, а Стефан Југов седум погодоци.
„Витамините“ броеjа до 50
Помладиот тим од Автокоманда, немаше проблеми против Гемиџии. Домаќините ги постигнаа првите пет гола на натпреварот, во десеттата минута водеа со 9-1, а на полувремето имаа 24-10.
Предноста продолжи да расте и по паузата. Домашните во 40. минута водеа со 32-12 и на крајот славеа со 50-18, што е најубедливата победа во досега одиграните натпревари од ова коло, и нивна сезонава.
Теодор Кочовски постигна седум гола за домаќините, Теодор Бабуновски даде шест, а кај Гемиџии најефикасен беше Даријан Бобевски со пет погодоци.
Машка кадетска лига – 3. коло
Група А
Алкалоид – Прилеп 37-21 (15-13)
Пролет – Струга 31-30 (11-16)
Еурофарм Пелистер – Преспа 32-28 (13-13)
06/10, 18:00, Еурофарм Пелистер 2 – Тиквеш
Табела во групата А: Еурофарм Пелистер 6; Алкалоид и Пролет – по 4 бода; Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп – по 3; Струга – 2; Тиквеш и Преспа – без бодови.
Најдобри стрелци вкупно во групата А: Филип Коцев – 34 гола; Виктор Ѓорѓиевски – 31; Горазд Ојлески – 26; Новак Вељановски 25; Марко Ивцев – 24;
Група Б
МРК Куманово – Младост 39-33 (18-15)
Македонија Ѓорче Петров – Текстилец 44-29 (23-12)
Мулти Есенс – Гемиџии 50-18 (24-10)
Вардар слоб.
Табела во групата Б: Младост, Куманово, Мулти Есенс и Македонија Ѓорче Петров – по 4 бода; Вардар – 2; Гемиџии и Текстилец – без бодови.
Најдобри стрелци вкупно во групата Б: Антонио Каракабаков – 31 гол; Владимир Иванов – 30; Стојан Иванџиков – 28; Михаел Милановски – 20; Теодор Гиевски, Андреј Јакимовски и Никола Никчевиќ – сите по 17 гола.
Следно, 4. коло
Група А: Прилеп – Тиквеш; Струга – Еурофарм Пелистер 2; Преспа – Пролет ; Алкалоид – Еурофарм Пелистер.
Група Б: Гемиџии – Вардар; Младост – Мулти Есенс; Македонија Ѓорче Петров – Куманово.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























