Монпелје направи добар „дил“: Порт и Срна ќе останат уште долго во клубот!

Монпелје продолжува да го гради тимот за иднината, откако францускиот клуб денеска ги продолжи договорите со Валентин Порт и Звонимир Срна.

Капитенот Порт, кој во клубот пристигна во 2016 година, потпиша нов договор до јуни 2029 година. Тој истакна дека е среќен што ќе ја продолжи приказната со клубот.

„Многу сум среќен што ќе останам во клубот до 2029 година. Ќе давам сè од себе, како што го правам тоа од првиот ден во Монпелје“, изјави Порт.

Хрватскиот репрезентативец Звонимир Срна, пак, стави потпис на нова тригодишна соработка и ќе биде дел од Монпелје до 2031 година.

„Многу сум среќен во Франција и во Монпелје и среќен сум што го продолжив договорот. Се надевам дека ќе продолжиме да освојуваме трофеи“, порача Срна.

Со задржувањето на Порт и Срна, Монпелје обезбеди двајца клучни ракометари и испрати јасна порака дека сериозно го гради тимот за следните сезони.