Машката репрезентација на Македонија губи на полувреме од Холандија со три гола разлика, 18:15, во натпревар од 2. коло од групната фаза на СП 2025. Холандија позитивата од плус три на пауза ја обезбеди со подобрата игра во последните десет минути од првиот дел.
Македонија го отвори натпреварот, но бргу возвратија Холанѓаните за 1:1, а по пет минути игра го презедоа водството, најпрво поведоа со 3:2, потоа дојдоа и до плус два гола разлика, 4:2.
По предноста на Холандија од 5:3, нашата репрезентација со голот на Митев намали на 5:4, а Кузмановски од пенал не успеа да реализира за нерешено. Ниту избраниците на Олсон не играа на ниво, па така Македонија преку Велковски дојде до 5:5 во 10-та минута.
Беше 7:7 пред Македонија да дојде до 8:7 кон средината на првиот дел, но „лалињата“ беа многу брзи и во 15-та минута имаше две деветки на семафорот. Се играше гол за гол, а во 22-та минута црвен картон заработи Петар Атанасијевиќ.
Иако Македонија играше добра одбрана, сепак, во последните осум минути имаше кризен период, па така Холандија по негативата од 13:12 успеа да направи серија од 6:0, поведе со плус четири, 17:13. До крајот на полувремето Серафимов постигна два гола, а Холандија даде еден за 18:15 на полувреме.