Македонија има шест гола позитива на полувреме против Литванија

Женската сениорска репрезентација на Македонија води на полувреме против Литванија со 18:12 во натпревар од последното квалификациско коло за Европското првенство 2024.

Балтичката земја се покажа како незгоден ривал во првите 20 минути и не дозволи Македонија резултатски да се одлепи. Откако избраничките на Кристијан Грчевски добро започнаа, водеа со 3:1, односно 4:2 во воведниот дел, гостинките не се откажуваа и израмнија на 4:4.

Камбекот на Литванија значеше дека Македонија ќе мора да го даде максимумот за да дојде до посакуваната цел. По половината од првото полувреме, резултатот беше нерешен, 7:7, а потоа „црвено-жолтите“ започнаа полека да се одлепуваат.

По приближувањето на Литванија на 10:8, следуваше серија од 3:0 на македонската репрезентација, која во 25 минута дојде до пет гола позитива, 13:8. До крајот на полувремето пресуди квалитетот меѓу двете репрезентации, па така по 30 минути игра резултатот беше 18:12.