Македонија ЃП без проблеми против Скопје, Партизан немоќен кај Драчево

Македонија ЃП, која осетно се засили за вториот дел од сезоната, триумфираше над Скопје со 41:25 во натпревар од 14. коло од прволигашката конкуренција.

Победникот на натпреварот беше најавен уште во првиот дел, кој го добија гостите со 19:12.

Домаќинот остана без енергија во второто полувреме, додека гостите значително ја зголемија предноста за убедлив триумф од 16 гола разлика.

Предводник во победничката екипа беше новото засилување Михајло Костовски, кој постигна десет погодоци, а го следеше Мартин Бучуковски со седум реализации.

Во тимот на Скопје најефикасни беа Тома Симоновски со шест и Дарко Рангелов со пет погодоци.

Со победа вториот дел од сезоната го започна и Драчево, откако пред својата публика убедливо го совлада Партизан од Гевгелија со 41:27 (15:12).

Гостите дадоа силен отпор во првиот дел, но Лисичков и Пејковски не можеа сами да се носат против домашниот состав, кој според посакуваното одигра во вторите 30 минути.

Кај Драчево најефикасен беше Ѓорѓи Дука со 10 погодоци, а во редовите на поразениот табор Горан Лисичков постигна десет погодоци, еден помалку имаше Илија Пејковски.