Македонија го загуби местото во ЛШ за следната сезона!

Европската ракометна федерација го објави рејтингот на националните федерации за следната натпреварувачка сезона и местата во европските купови.

Македонија нема да добие директно место во Лигата на шампионите за сезоната 2024/25 и нашиот првак ќе мора да бара вајлд-карта за да биде дел од елитната конкуренција.

Според коефициентот кој е пресметан за настапите 2020/21, 2021/22 и 2022/23, Македонија се најде на 13 позиција со коефициент 50.33, а тоа е пад за дури пет позиции во однос на минатото рангирање.

Во две од трите сезони кои влегуваат во пресметката, македонскиот претставник имаше само пласман во осминафиналето, додека во една сезона немавме претставник поради суспензијата на Вардар.

Поради актуелната суспензија на Белорусија, која има гарантирано место во групната фаза, ЕХФ објави дека ќе бидат доделени само осум директни пласмани во групите, но и тие ќе бидат предмет на разгледување на Извршниот Комитет.

Тоа значи дека останатите екипи кои бараат учество во ЛШ, ќе мора да го сторат тоа преку вајлд-карти, кои ќе бидат седум на број, а еден билет за групите ќе биде доделен на федерацијата со најголем успех во Лигата на Европа, а тоа е Германија.

Следната сезона Македонија со две екипи во ЛЕ, два тима ќе играат и во Европскиот Куп!