Mакедонија го доби првиот делегат за ракомет во колички

Гордана Ѓорѓеска стана првата дама од Македонија што доби сертификат да биде делегат на натпревари во ракомет со инвалидски колички.

Гостиварката успешно го мина полагањето и веќе може да биде делегирана на следните големи натпреварувања.

Таа минатата година доби и ЕХФ значка за делегат на натпреварите од ракомет на плажа и веќе беше дел од кадетското ЕП во Турција ова лето.

Ракометот во инвалидски колички од 2028 година ќе биде олимписки спорт и ќе биде дел од Летните Параолимписки игри во Лос Анџелес.

Екипите во овој спорт имаат по шест играчи, се игра во микс, односно заедно играат и мажи и жени, едно полувреме трае 20 минути со 10 минути пауза, а голот е понизок за 30 цм.

Актуелен европски и светски првак во оваа конкуренција на последното големо натпреварување кое беше и ЕП и СП во едно, е селекцијата на Португалија.