Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло од Светското првенство беше поразена од Исланд со 29:17 (11:11). По одличната игра до првата половина од првото полувреме, нашата репрезентација како да подзастана, дозволи Исланд да направи пресврт, на полувреме беше 11:11, a вторите 30 минути минаа во целосна доминација на ривалот.
Утрешниот дуел со Ангола ќе биде се или ништо за нашата репрезентација, бидејќи токму африканската земја е ривал на Македонија за второто место во групата Х. Ангола и Македонија имаат по два освоени бодови, додека Исланд веќе со две победи си обезбеди пласман во главната фаза.
Македонија одлично го стартуваше натпреварот, поведе со 3:0, a ривалот првиот гол го постигна дури по осум минути игра. Цврстата одбрана на „црвено-жолтите“ до 15 не дозволуваше премногу простор во играта на Исланѓанките. Избраничките на Јанев предводени од голманката Чурлиновска, како и Младеновска во нападот, имаа предност од 8:2 во 15 минута.
Исланд успеа да го искористи падот во играта на Македонија, направи серија од 4:0 доближувајќи се на само два гола негатива, 8:6. Островската земја во последните десет минути одигра далеку поквалитетно во одбраната и на три минути пред крајот на првиот дел направија целосен пресврт, од 10:8 стигнаа до 11:10. Голот за нерешени 11:11 на полувреме го постигна кружниот напаѓач Јасмина Попова.
Ривалот на Македонија фуриозно го стартуваше вториот дел, постигна четири гола во низа и во 35 минута се одлепи на 15:11. Ризоска во 38 минута го постигна првиот гол за Македонија во вториот дел, намали на 15:12, но до крајот Исланд имаше целосно контрола на резултатот.