„Регионалната лига не треба да биде трошок, туку нова вредност за клубовите“

Предраг Бошковиќ, потпретседател на ЕХФ, во интервју за 24Ракомет зборуваше за потребата од нова регионална лига, која треба да им донесе посилен натпреварувачки ритам на клубовите од Македонија, Србија, Црна Гора и поширокиот регион.

Идејата за регионално натпреварување не доаѓа случајно. Според Бошковиќ, во ЕХФ веќе подолго време се разговара како да се помогне развојот на ракометот во региони каде што националните лиги, и покрај традицијата и квалитетот, не можат сами да создадат доволно силна конкуренција за клубовите да бидат конкурентни на европско ниво.

„Ова е уште еден обид регионот да се организира, за ракометот повторно да може да фати чекор со некои други спортови кои, за жал, во последните години го презедоа приматот во регионот. По Европското првенство во јануари, на ниво на ЕХФ разговаравме како може да се помогне во развојот на ракометот во одредени региони. Една од идеите беше дека, покрај европските натпреварувања, на клубовите им се потребни и други квалитетни натпреварувања, над националното ниво.“

Тој посочува дека во Европа има мал број национални првенства кои сами по себе создаваат доволно силна и континуирана конкуренција. Како пример ја издвојува Бундеслигата, но додава дека во повеќето други земји клубовите имаат потреба од дополнителен натпреварувачки простор.

„Освен Бундеслигата и уште неколку силни лиги, во Европа нема многу национални натпреварувања кои можат сами да обезбедат доволно квалитетен развој на клубовите, играчите, маркетиншката позиција и видливоста. Затоа ја започнавме оваа иницијатива. Првиот состанок беше во Загреб, потоа разговаравме во Белград, Скопје и Подгорица.“

Најконкретен интерес засега има кај клубовите и федерациите од Македонија, Србија и Црна Гора. Според Бошковиќ, токму овие земји можат да бидат основата на новиот проект, кој подоцна би можел да се прошири и со други федерации од регионот.

„Кај машките клубови постои сериозен интерес, особено кога зборуваме за српските, македонските и црногорските клубови. Идејата е да се направи заедничко натпреварување кое ќе биде квалитетна подготовка за европските настапи на клубовите од регионот. Но, не само тоа – вакво натпреварување може значително да ја подигне и пазарната вредност на клубовите.“

Тој смета дека регионот има традиција, публика, дијаспора и природни спортски ривалства кои можат да создадат сериозна сцена.

„Регионот има потенцијал. Има публика, има ривалства, има клубови со историја и има простор за поголема видливост. Таква лига може да им помогне на клубовите да создадат нова вредност, но и да им овозможи на играчите да се развиваат преку посилни натпревари.“

Според него, регионалната лига не треба да се гледа само како дополнителен трошок или уште една обврска за клубовите, туку како можност за развој.

„Бенефитот не е само финансиски. Клубот добива и преку тоа што играчите добиваат посилни натпревари, младите играчи се развиваат побрзо, а националните федерации добиваат поширока база за репрезентациите.“

Токму затоа, според него, новата регионална лига треба да биде проект што ќе донесе повисок квалитет, подобра подготовка за Европа и нова енергија за ракометот во регионот.

Целото интервју можете да го прочитате на следниот линк – https://24rakomet.mk/intervju-predrag-boshkovik-regionalnata-liga-nosi-novi-rivalstva-i-pogolema-vrednost-za-makedonskite-klubovi/
 

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________