Познати тимовите за женската ЛШ – Македонија со една претставничка во елитата

Европската ракометна федерација денеска ги потврди екипите што ќе играат во женската Лига на шампионите, која за последен пат ќе се игра по овој формат.

Покрај десетте сигурни тимови, уште шест добија вајлд-карти, а само норвешкиот Молде извиси и ќе игра во Лигата на Европа.

Подравка, Есбјерг, Брест Бретањ, Мец, Бломберг, Ѓер, Будуќност, Сторхамар, Глорија Бистрица и Крим беа директно пласирани во групите.

Вајлд-картите отидоа кај данските Оденсе и Никобинг, унгарскиот Ференцварош, норвешката Сола, романскиот ЧСМ Букурешт и германската Борусија Дортмунд.

Македонија ќе има свој претставник, а тоа ќе биде десниот бек Ива Младеновска, која со Борусија ќе игра во групите од ЛШ.

Ждрепката за групите ќе се одржи в петок на 26 јуни од 11:00 часот.