Голужа: Сега пијам чај наместо кафе – сакам пак да бидам селектор на Хрватска

Славко Голужа се врати на клупата на Бјеловар само два месеца по срцевиот удар што го доживеа за време на натпреварот против Нексe 2, а во првото големо интервју по здравствената драма откри дека рехабилитацијата минала подолго од планираното, но дека сега се чувствува добро и повторно е таму каде што најдобро се чувствува – во сала.

Тој за Net.hr изјави дека поминал 10 дена во болница, потоа уште околу месец и половина бил на рехабилитација, а досега веќе имал две контроли.

Поранешниот селектор на Хрватска признава дека инфарктот го сфатил како предупредување повеќе да мисли на себе, иако, како што вели, од ракомет не може да се оттурне. Голужа откри дека и за време на рехабилитацијата бил во контакт со својот помошник во Бјеловар и дека полека повторно се враќал во салата, но без вообичаениот интензитет. Воедно посочи и дека инфарктот се случил на годишнината од смртта на неговиот пријател Златко Сарачевиќ, што за него имало дополнителна емоционална тежина.

Во разговорот Голужа откри и дека по здравствениот проблем направил неколку промени во секојдневието. Помалку пие кафе, повеќе чај, ги исфрлил газираните пијалаци и почнал редовно да појадува, делумно и затоа што повеќе не сака лекови да зема на празен стомак.

И покрај сè што помина, Голужа не ја крие амбицијата повторно да се врати и на највисоко ниво. Во истото интервју порача дека се надева оти еден ден повторно ќе биде селектор на Хрватска, ако работите се наместат така.

____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, 
приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________