Ловќен на Маџовски со пораз стартуваше во ЛЕ – АЕК шокиран од Забже

Црногорскиот шампион Ловќен, во кој настапува повремениот репрезентативец на Македонија, Бојан Маџовски, во рамки од првото коло од Лигата на Европа убедливо беше поразен на гостувањето во Норвешка од Елверум со 37:25.

Норвешкиот вицепрвак уште од почетокот на натпреварот беше во предност и во ниту еден момент не дозволи клубот од Цетиње да има било какви шанси за камбек.

Елверум беше предводен од одличниот Тобијас Грондал, кој дуелот го заврши со девет постигнати погодоци. Кај Ловќен, екс ракометарот на Охрид, Филип Кривокапиќ, исто така имаше солидна партија, постигна шест погодоци од девет обиди, додека Бојан Маџовски двапати се запиша во листата на стрелци.

Ловќен во следното 2. коло во Подгорица ќе биде домаќин на бундеслигашот Фленсбург и ќе се обиде да се покаже во подобро светло пред својата публика.

Елверум за ривал во второто коло од Лигата на Европа го има Кадетен Шафхаузен од Швајцарија.

Екипата на АЕК Атина беше шокирана на гостувањето во Полска, откако неочекувано загуби од Горњик Забже со 30:21.

На останатите натпревари, кои беа одиграни во терминот од 18:45 часот, победа остварија екипите на Рајн Некар, Горење Велење, Брага, Силкеборг, Фуксе Берлин и Констанца.

Лига на Европа, 1. коло, резултати

Група А
Кристијанштад – Рајн Некар 20-26
Нант – Бенфика 20:45ч

Група Б
Горњик Забже – АЕК Атина 30-21
Криенс Луцерн – Хановер 23-31

Група Ц
Горење Велење – Винтертур 34-26
Куенка – Савехоф 20:45ч

Група Д
Повашка Бистрица – Брага 26-34
Нексе  – Скјерн 20:45ч

Група Е
Елверум – Ловќен 37-25
Фленсбург – Кадетен 20:45ч

Група Ф
Силкеборг – Ла Риоха 34-25
Алкалоид – Војводина 20:45ч

Група Г
Фуксе Берлин – Шамбери 24-22
Динамо – Извиѓач 20:45ч

Група Х 
Татабања – Констанца 24-29
Спортинг – Хобри Глогов 20:45ч