Лембанов: Фредериција има евидентен напредок во играта, но имаме шанса за прва победа

Maкедонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува седмиот натпревар во Лигата на шампионите на гости кај данската Фредериција.

По поразот во Автокоманда и промената на тренерската позиција, пелистерци одиграа два меча во два дена, против Веспрем и Радовиш, па имаа подолго време за подготовка за претстојниот натпревар во Данска.

Асистентот на Шундовски, Алексо Лембанов, вели дека данскиот тим има евидентен напредок во играта и дека негува скандинавски стил на игра.

„Играме во гости против екипа на Фредериција која до скоро беше без бодови во групата, но во последните неколку кола се чуствува евидентен напредок во нивната игра. Станува збор за екипа која што негува некој скандинавски стил на игра со тоа што за разлика од останатите екипи кој што доаѓаат од тој дел транзицијата не е нивна најсилна страна. Постојат три или четири играчи на бековските позиции кој што се во главно во ротација и може да се каже дека се мотор на екипата. Мислам дека ова е шанса каде што Еурофарм Пелистер може да издвојува прва победа, ние се подготвуваме максимално. Ги анализираме нивните слаби страни ќе вметнеме некои новитети во нашата игра да ја разбиеме таа нивна атипична одбранбена зона и се надевам на позитивен резултат. Овој пат имавме три дена за подготовка. Противникот е дефинитивно квалитетно анализиран и мислам дека ни доаѓа во прилог тоа што имаме доволен број на тренинзи каде што можеме да се обидеме да спроведеме се во игра тоа што го зборуваме на сите состаноци“, изјави Лембанов.

Натпреварот меѓу Фредериција и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре со почеток во 18:45 часот.