Машката репрезентација на Македонија го имаше собирот пред стартот на квалификациите за ЕП 2026 година.
Селекторот Кире Лазаров откри зошто Никола Митревски и Филип Талески, кои досега беа стандардни, не се најдоа на списокот за овие два меча.
„Ние започнавме процес на подмладување, и како минува времето, треба да се доврши. Се појавуваат нови и млади играчи, кои во своите клубови покажуваат квалитет, и кои ги носат своите клубови во квалитетни победи со добри ривали. Од никого не се откажуваме, напротив, потребни ни се сите играчи, но радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за СП 2025. Што се однесува до Митревски, мислам дека имаме млади голмани што треба да добијат шанса, да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност, кога ќе знаат дека позади нив не е голман од типот и од квалитетите на Митревски. Сакам да видам како тоа ќе изгледа на овие два меча. Што се однесува до Филип Талески, знаеме дека е тој квалитетен и добар играч, но и знаеме дека тој во последно време не покажа доволно квалитет на натпреварите на кои играше во дресот на репрезентација, и затоа се решив во овој момент да дадам прилика на други играчи како Павле Атанасијевиќ, можеби малку и ќе го смениме концептот. Сега се одлучив така, но не значи дека во иднина нема да биде повикан“, вели Лазаров.
Македонија првиот меч го игра на 6 ноември против Естонија дома, додека ќе и гостува на Литванија на 10 ноември.