Лазаров: Кога ќе кажете Литванија, сите мислат на кошарка, а не на ракомет – но не е така!

Машката репрезентација на Македонија ја очекува важен период и двете последни средби од квалификациите за ЕП 2026 против селекциите на Естонија и Литванија.

Селекторот Кирил Лазаров вели дека е оптимист и покрај отсуството на многу ракометари како Велковски, Митев, Ѓорѓиев, Кузманоски, Петар Атанасијевиќ, Никола Костески…но верува во оние што ги има на располагање.

„Јас сум секогаш оптимист и како играч и тренер, така ќе биде и сега. Но од друга страна морам да бидам претпазлив, знаејќи го нашиот здравствен билтен бидејќи доста играчи ќе ни фалат од ростерот. Има некои нови ракометари што треба да ги заменат повредените, и тоа во одлучувачки натпревари, а тоа не е лесно. Периодот е краток, право на грешка немаме. Јас и стручниот штаб ќе се обидеме да бидеме кратки и концизни, и да обрнеме внимание на она што е најважно и да не губиме време. Очекувам два тешка меча, психилошки тешки, но верувам во тимот дека ќе одговори со вистинското лице како што знаат. Има меѓу повиканите играчи такви што играле вакви квалификациски натпревари каде се нема право на грешка. Сакам да видам новите како би се снашле на тренинзите, за да може да поставиме игра како стручен штаб и да одговориме на предизвикот“, вели Лазаров.

Тој очекува два тешки меча.

„Естонија во Скопје покажа дека е модерна и брза селекција која игра на гол повеќе, Литванците се опасни, и ќе имаме два тешки меча. Ќе ни треба помошта и од нашите навивачи во „Јане Сандански“, но да одиме чекор по чекор, прво Естонија во четврток, се надевам ќе останеме здрави тие што сме и да го подготвиме натпреварот како што знаеме и доликува“, продолжи Лазаров.

Прво Естонија, а потоа следува уште една балтички ривал за Македонија – Литванија.

„На Естонците им фали Том, левиот бек голгетер, за разлика од нас што ни фалат многу повеќе. Спортски е да се надеваат на победа, но мора да бидеме претпазливи. Кога ќе кажете Литванија, мислите на кошарка, а не на ракомет, но не е така. Има искустен тренер од ЛШ, искусни играчи кои играат или играле во добри клубови, амбициозна нова гарнитура во федерацијата. Очекувам со Литванците еден врвен натпревар, со добар ракомет и од наша и од нивна страна“, заврши Лазаров.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.