Лазаров ги повика легендите: Секој што сака да даде поддршка е добредојден

По кратка пауза, во стручниот штаб на македонскиот селектор Кирил Лазаров се враќа легендарниот Стојанче Стоилов.

Тој беше дел од стручниот штаб за бараж двомечот со Фарски Острови за пласман на СП 2025, а сега одново се враќа да помогне во последните две квалификациски средби.

Селекторот Кирил Лазаров вели дека сите легенди се добредојдени ако сакаат да дадат поддршка.

„Во стручниот штаб одново ни се приклучува Стојанче Стоилов. Тука ќе биде заедно со стручниот штаб што беше заедно со нас на Светското првенство. Секој што сака да даде поддршка е добредојден, од легенди, од играчи, од тренери што имаат поминато многу врвен ракомет, што знаат, така што секоја поддршка од врвна македонска легенда што поминала низ вакви натпревари и натпревари на повисоко ниво ни е добредојдена во секој момент и вратата е отворена за сите“, изјави Лазаров.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот. Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место.

Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи. Словенија е прва осум бода, Литванија има шест на второто место, додека Македонија е трета само со два бода.