Ракометарите на Вардар славеа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер со 35-34 во вечното дерби на македонскиот ракомет и сега се на врвот на табелата.
„Црвено-црните“ сега имаат 12 бода на првото место на табелата, додека Еурофарм Пелистер е втор со 11.
Кружниот напаѓач Милан Лазаревски истакна дека се течело според планот и дека домаќинот не ги изненади со ништо.
„Беше тешко, физички многу тежок натпревар, особено за оние со поголема минутажа. Тоа го зема својот данок. Можеби во нападот дојдов повеќе до израз, благодарност до останатите играчи што играа во средина на одбрана што ми го покриваа грбот, бидејќи не бев на ниво што се однесува до одбраната. Нас не краси тоа што имаме играчи на сите позиции кои во било кој момент може да одиграат на ниво. Драго ми е поради исходот. Тие не не изненадија со ништо, се беше според планот како што се спремавме за овој натпревар, иако имавме некои избрзани шутеви и грешки“, вели Лазаревски.
Минатата сезона иако Вардар имаше подобар меѓусебен дуел со шампионот, сепак поразот на вардарци во Кавадарци го реши првенството.
„Минатата сезона бевме подобри во меѓусебниот дуел со Еурофарм Пелистер, но друг факт односно поразот во Кавадарци го реши шампионот. Сега се надевам дека среќата можеби се сврте наша страна, но ја заслуживме според играта и карактерот што го покажавме. Здравје само, верувам во овој тим, во колегите, стручниот штаб, управата и јас сум сигурен дека ќе ја оствариме целта“, заврши Лазаревски.
Следен предизвик за Вардар ќе бидат дуелите од Купот на Македонија, кои исто така ќе се играат во Битола, а потоа следува гостување во Автокоманда кај тимот на Кирил Лазаров.