Кузмановски: Се вратив за да ја сочуваме титулата, знам дека овој дрес тежи многу

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја да дојдат до првиот бод во Лигата на шампионите, откако во натпревар од 8. коло загубија од ПИК Сегед со 28:27. Македонскиот шампион во последните минути беше во игра за најмалку бод, но гостите имаа повеќе среќа.

Одличен камбек во битолскиот тим имаше македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој натпреварот го заврши со пет постигнати погодоци.

Повратникот во редовите на пелистерци го коментираше поразот од унгарскиот вицепрвак и истакна дека со неговиот тим ќе се обидат да ја одбранат титулата во домашниот шампионат.

,,Уште имам емоции во мене, да играм пред мојата публика и пред мојот матичен клуб навистина е голема мотивација за мене, денес навистина бев мотивиран, многу сакав да победиме, да ја освоиме првата победа баш на домашен терен, ние добро се подготвувавме, но мислам дека гостите победија на искуство. Сепак, прво треба да погледаме какви грешки направивме ние, на противникот му честитам на фер и коректната игра, беа подготвени, играа до крај, а ние треба многу да поправаме и ветувам дека ние во наредниот период ќе бидеме уште подобри. Не ми требаше многу време за прилагодување, имам соиграчи со кои сум играл во Бундес лигата и во репрезентацијата, не требаше многу време да се адаптирам. Јас за тоа сум вратен, да ја сочуваме титулата пред нашата публика. Тука ги започнав првите чекори, знам каков период поминав, од каде излегов, и многу научив како да се борам и знам дека овој дрес тежи многу”, изјави Кузмановски.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето во Полска кај Келце.

 

Цела сала на нозе: Кузмановски се врати дома и со цепелин го „поздрави“ ПИК Сегед (ФОТО+ВИДЕО)

 

 

Драма во Битола: Храбрите пелистерци загубија во последните секунди од ПИК Сегед