Kузмановски: Сакаме реванш за поразот во Купот

Денеска ќе биде официјалниот старт на ракометната сезона во Македонија со натпреварот од Супер Купот.

Во Гевгелија ќе играат шампионот Еурофарм Пелистер и освојувачот на Куп трофејот – тимот на Кире Лазаров.

Капитенот на битолчани, Филип Кузмановски, очекува реванш за поразот од истиот ривал во финалето на Купот на Македонија.

„Ние на секој натпревар одиме на победа. Самиот клуб, самите навивачи, самиот град прават притисок да одиме на секој натпревар на победа. Знаеме што значи натпреварот од Супер Купот, и затоа сите посакуваме со трофеј да ја започнеме сезоната. Тоа ќе ни биде многу значајно во текот на сезоната, и за натпреварите во Супер Лигата и во Лигата на шампионите. Противникот не смее да се потцени. Знаеме за каков ривал се работи, составен од многу македонски репрезентативци. Ќе бидат подготвени и мотивирани. Ние сме фаворити и така ќе пристапиме. Ние сме екипа од Лигата на шампионите и не сакаме да се повтори финалето од Купот. Жалиме за тоа и затоа сакаме да се реваншираме“, изјави Кузмановски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и „сино-белите“ од Автокоманда се игра вечерва во салата „26 април“ во Гевгелија.