Единствен дебитант на завршниот турнир во Купот на Македонија ќе биде тимот на Тиквеш од Кавадарци. Кавадарчани налетаа на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, кој нема трофеј во ова натпреварување од 2005 година.
Капитенот на Тиквеш, Страхиња Симиќ вели дека на натпреварите во Купот нема фаворити и ако држат чекор со битолчани подолго време, кавадарчани би имале шанси за чудо.
„Купот е специфично натпреварување и во еден натпревар може се да се случи. Големи фаворити нема на вакви натпревари, но секако дека Еурофарм Пелистер ја има таа улога, не само против нас, туку и за трофејот поради ростерот што го има. Тоа сепак не мора ништо да значи, секоја екипа сигурно доаѓа во Скопје со желба да го земе трофејот. Ако успееме да бидеме во чекор со Еурофарм Пелистер во текот на натпреварот и влеземе во неизвесна завршница, имаме шанси за чудо. Но за да успееме во таа намера мора да бидеме многу дисциплинирани, паметни, борбени, само така можеме да се надеваме на евентуален успех“, вели Симиќ.
Кавадарчани оваа сезона одиграа два меча со шампионот. На домашен терен загубија тесно, но во Битола беа поразени со десет погодоци.
„Сигурно дека не очекува различен натпревар од тој во Битола последниот и мислам дека двете екипи го знаат тоа. Ние можеме подобро од таа партија во „Боро Чурлевски“ и се надевам дека тоа ќе го покажеме на терен“, продолжи Симиќ.
Според српскиот плејмејкер, битолчани имаат играчи од топ класа.
„Еурофарм Пелистер има играчи топ класа како што се Радивојевиќ, Кузмановски, Пешевски, Борзаш, Цехте…и сигурно дека се опасни од секоја позиција. Тие имаат многу играчи што може да решат натпревар. Наша задача ќе биде со борбена и пожртвувана одбрана да ги запреме нивните ударни игли, да не примаме лесни голови. Добро ги анализиравме, добро се познаваме едни со други, па очекувам со добра одбрана да бидеме во мечот сите 60 минути. Паузата за ЕХФ неделата ни дојде добро да се рекуперираме и подобро да се подготвиме за натпревар, а нашиот противник имаше многу репрезентативци и тоа мислам дека би можело да се одрази негативно“, смета Симиќ.
Средниот бек влече повреда и не е во полна форма во пролетниот дел од сезоната.
„Нашиот здравствен билтен оваа сезона е посебна приказна, но освен Ани Обина, сите сме подготвени за битка“, продолжи Симиќ.
Тој очекува голема поддршка од „Лозари“ на мечот со битолчани.
„Се надевам дека сите знаат колку ни значи нивната поддршка, колку сила и енергија ни даваат и колку нас ни значи нивното присуство на натпреварите. Се надевам дека така ќе биде и денеска“, заврши Симиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер се игра денеска од 19:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека утре е пресметката меѓу Вардар и „сино-белите“ од Автокоманда.