Куманово загуби убедливо од Херцогенбуше, третата рунда е тешко достижна

Ракометарките на Куманово се поразени на првиот натпревар од второто коло во Европскиот Куп од швајцарскиот тим Херцогенбуше со 29-22, откако со кратката ротација немаа сили да парираат на расположениот домашен тим, особено во финишот.

Ослабениот тим на Куманово без повредената Габриела Величковска немаше многу шанси против домаќинот на овој натпревар. Избраничките на Славиша Димитријески, кои беа 13 на број, одржуваа рамнотежа во првата половина од првиот дел.

Кумановки беа во егал, еднаш и водеа со 6-5, но по 9-8 за швајцарскиот тим следуваа неколку грешки во нападот и казните стигнаа набрзина со лесни голови, па Херцогенбуше се одлепи на плус пет, 13-8. Таквата предност ја задржа до крајот на првиот дел кога беше 15-10.

На стартот на второто полувреме домаќинките стигнаа и до плус шест, 17-11, но Куманово не се откажуваше и погоди три пати во серија за 17-14. Но повторно „црна дупка“ во нападот на нашиот претставник и Херцогенбуше се одлепи на 23-17.

До крајот домашниот тим само ја зголемуваше предноста, па Куманово ќе има тешка задача да ја надомести негативата на утрешниот реванш од 16:00 часот, на кој формално ќе биде домаќин.