Куманово даде отпор, но Чаир се радуваше на прва победа во плеј-офот

Вицепрвакот Чаир во рамки од 2. коло од плеј-оф фазата во Женската лига славеше против незгодниот Куманово со 31:26. За Чаир ова беше прва победа во разигрувањето за титулата, а избраничките на Славиша Димитријески повторно покажаа дека имаат квалитет за добар пласман.

Чаир тргна според посакуваното и до 15-та минута од натпреварот одржуваше резултатска предност. По предноста на Чаир од 9:7, гостинките со мини серија израмнија на 9:9, а во 20 минута го презедоа водството, откако беше 10:10, расположената Нестороска погоди за 11:10.

Пресвртот на поранешниот шампион на Македонија беше знак за домашниот тим дека треба да се консолидира, посебно во одбраната. Црногорската интернационалка Зечевиќ со својот втор гол му донесе на Куманово плус два во 22 минута, 12:10, а минута подоцна гостинките дојдоа до позитива од плус три, 13:10.

Кризата во редовите на Чаир ја прекина Гулицоска, намали на 13:11, исто како и домаќинките, така и гостинките имаа падови, па составот на Басри Љатифи успеа на пет минути пред крајот на полувремето да дојде до минус еден, 14:13. Во последните пет минути се играше гол за гол, домашниот тим успеа на кратко да води, а по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 17:17.

Борбата продолжи до 40-та минува во второто полувреме. Следуваше период, во кој екипи наизменично се менуваа во водство и во 35-та минута резултатот беше 21:21. Чаир успеа целосно да го запре налетот на гостинките и од 22:22 дојде до 28:22. Тука веќе завршија сите надежи на Куманово, кој поради кратката клупа не издржа до финишот и дозволи домаќинот да има целосна контрола во последниот дел.

Предводник во победничката екипа беше Теодора Гулицоска со девет погодоци, осум додаде Стефанија Ѓорѓиевска. Кај Куманово се истакна Нена Нестороска со осум погодоци.