По победите над Радовиш и Прилеп на гости, како и над Бутел Скопје и Тиквеш на домашен терен, ракометарите на Охрид одат по петти триумф во Супер лигата.
Следува езерското дерби против Струга, а првпат на ваков натпревар ќе настапи новото засилување за „гладијаторите“, Дејан Кукуловски.
Левиот бек вели дека младиот тим на Струга не смее во никој случај да се потцени и дека езерското дерби секогаш има своја тежина.
„Против Тиквеш не очекувавме дека ќе победиме со 20 гола разлика, но одигравме одлично и резултатот си дојде. Сега ни следува натпревар со Струга. Езерското дерби секогаш има своја тежина. Струга има млад тим, но добри играчи и не смееме да ги потцениме. Таму е Богдан Мијушковиќ, младиот Џигероски, немаме многу време за тренинзи, но мислам подготвени сме добро и одиме на победа. Ќе гледаме и видео анализи, па очекувам да бидеме добро подготвени во сите сегменти“, вели Кукуловски.
Натпреварот меѓу Струга и Охрид ќе се игра во салата „Тими“, утре со почеток во 16:30 часот.