Се повреди против Охрид и му пропадна тарнсферот во Висла Плоцк

Чешкиот репрезентативец Матеј Хавран требаше летово да направи голем чекор во кариерата и да го облече дресот на Висла Плоцк. Наместо почеток на ново поглавје, тешката повреда заработена на меч против Охрид целосно му ги промени плановите, а полскиот клуб сега потврди дека договорот е раскинат по заедничка согласност.

Само два месеци претходно, Хавран беше еден од најважните дефанзивци на Татабања во финалето на ЕХФ Европскиот куп против Охрид.

На првиот натпревар, одигран на 24 мај во Татабања, чешкиот лев бек се повреди во 55. минута. Првично беше јасно само дека станува збор за сериозна повреда на ногата, а подоцнежните прегледи потврдија кинење на предните вкрстени лигаменти.

Охрид го доби тој натпревар со 29-28, а Хавран не можеше да настапи на реваншот во „Билјанини Извори“. Македонскиот тим потоа славеше и со 31-25 и го освои европскиот трофеј.

Тренерот на Татабања, Едмонд Тот, пред реваншот во Охрид ја опиша повредата како огромен удар за својот тим.

„Тој е командант на нашата одбрана и најважен играч во дефанзивниот ѕид. Го загубивме на подолг период“, изјави тогаш Тот.

Висла Плоцк и 24-годишниот лев бек сега спогодбено го раскинаа договорот. Полскиот клуб не објави дека повредата е официјалната причина за прекинот на соработката, но јасно е дека тешката повреда и долгиот период за рехабилитација целосно ја променија ситуацијата.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________