Мелсунген ги предупреди фановите: Не купувајте авио-билети и не резервирајте хотели во Скопје

Македонскиот првак Вардар по четири сезони се враќа во Лигата на шампионите и го очекува вистински предизвик со новиот формат на натпреварувањето.

Вардар ќе ги одмери силите со полската Висла Плоцк, француски Нант и германски Мелсунген, против кого играше и минатата сезона во Лигата на Европа.

Иако Европската ракометна федерација веќе го објави распоредот за групната фаза, од таборот на германскиот Мелсунген испратија важно известување до своите навивачи.

Натпреварот против Вардар во Скопје во овој момент стои дека е закажан за 28 октомври, но германскиот клуб предупреди дека терминот ќе биде променет.

„Гостинскиот натпревар во Скопје може да биде презакажан. За евентуалниот нов термин ќе ве известиме навремено“, стои во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Мелсунген.

Поради ова, германскиот клуб ги советува своите навивачи да не резервираат авионски билети и сместување сè додека не биде потврден конечниот датум за одигрување на натпреварот во македонската престолнина.