Костоски: Ги искористивме грешките на Куманово, имавме одлична одбрана!

Екипата на Струга на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа славеше со 33:22 во натпревар од деветтото коло од суперлигашката конкуренција.

Стружани победата ја обезбедија уште во првиот дел кога во периодот од 20 минута, па до крајот на полувремето, го запреа домаќинот, се одлепија на четири до пет гола разлика и до финишот целосно го надиграа домаќинот.

Најефикасен на натпреварот беше левото крило на Струга, Ненад Костоски, кој во мрежата на домаќинот постигна осум погодоци.

,,На денешниот дуел ги искористивме грешките на противникот, пред се го испочитувавме договореното и одлично бевме подготвени за овој дуел. Натпреварот го стартувавме според посакуваното. И покрај тоа што искуството беше на наша страна, сепак, имавме одлична одбрана, лесни голови од контри и полуконтри, посебно во вториот дел, и овие три бода се многу важни за нас. Ние сме на добар пат да обезбедиме пласман во плеј-оф фазата и се надевам дека на следните дуели ќе бидеме уште подобри”, изјави Костоски.

Во следното, 10. коло, тимот на Струга на свој терен ќе го пречека амбициозниот Тиквеш, кој веќе има обезбедено билет за разигрувањето за титулата.

Стружани убедливо против Куманово за петта сезонска победа