Комбинираната Македонија до реми со домаќинот на СП

Машката младинска репрезентација на Македонија одигра нерешено против Полска, 24:24, на мини-турнирот во полскиот град Олецко.

Двете репрезентации во двете полувремиња имаа свои подеми и падови, а на паузата резултатот беше 14:13 во корист на домашниот состав.

Иако избраниците на Раде Стојановиќ имаа предност од четири гола, 21:17, во 43. минута, сепак домашната репрезентација не се предаде и се врати во игра во завршниот дел.

Полска имаше напад за победа, но голманот на Македонија, Давид Брестовац, го сопре ударот на ривалот.

Македонија во Полска допатува без Галевски, Петковски, Карасманакис, Митев и Стаменковиќ, како и без одамна повредените средни бекови Томислав Димковски и Славчо Шулески.

Утре „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Алжир.

Овие контролни натпревари се дел од подготовките за настапот на младинскиот Мундијал, кој ќе се одржи во Полска.