Македонскиот шампион Ѓорче Петров ја дозна четвртфиналната пречка во Европскиот Куп – шпанскиот тим Елче. Станува збор за состав во кој своевремено играше македонската репрезентативка Александра Ристовска.
Eлче минатата сезона во шпанскиот шампионат го освои четвртото место и се избори за билетот за Европскиот Куп. Последните три сезони редовно се дел од ова натпреварување, а минатата сезона стигнаа и до полуфиналето. Претходно имаат уште две европски учества во 2009/10 и во 2013/14, но без особен успех.
Во ростерот Елче има 23 ракометарки од кои шест се интернационалки – по две од Бразил и Холандија, како и по една од Аргентина и Русија. Станува збор за голманката Марисол Карату од Аргентина која има 37 години, потоа рускиот пивот Екатерина Жукова, холандскиот десен бек Теса Ван Зијл, нејзината сонародничка Пипи Вулфс, левиот бек од Бразил Кели Абреу, како и легендарното десно крило Алехандра До Насименто.
Без оглед на тоа што има 42 години, се уште игра на високо ниво и се наоѓа меѓу најдобрите стрелци на Елче. Досега на шест меча даде 20 гола и таа е трет стрелец, додека најдобра е левиот Данила Делгадо Пинто со 41 гола, а десниот бек Ван Зијл постигна досега 30 гола. Треба да се обрне внимание на средниот Заира Бенитез, како и на пивотот од Холандија, Вулфс.
До Насименто своевремено има многупати гостувано во Скопје како членка на Хипо на дуели со Кометал Ѓорче Петров, но нема пријатни спомени. Таа беше прогласена за најдобра светска ракометарка во изборот на ИХФ во 2012 година, стана светски првак со Бразил во 2013 година, а за националниот тим има постигнато 733 гола. Освен за Хипо за кој играше девет сезони и три пати беше во полуфиналето на ЛШ и еднаш во финалето, во Европа ги бранеше боите на романската Баја Маре, унгарските Фехервар, Вац и ЕРД, францускиот Бур Де Пеж, а од 2022 е членка на Елче.
На патот кон четвртфиналето Елче немаше вистински предизвик – ги елиминираше ривалите со голема разлика. Во втората рунда настрада бугарскиот тим Бјала со 97-30 во двомечот, потоа грчкиот Јонијас со 60-50, како и португалската Мадеира во осминафиналето со вкупен резултат 59-49.
Во досегашниот тек од шпанското првенство, по 14 одиграни меча, Елче е на третото место со 11 победи и 3 порази и се наоѓа на третото место, зад Малага и Бера Бера. До соочувањето со Ѓорче Петров, ќе одиграат уште пет меча во домашниот шампионат, па стручниот штаб на македонскиот ривал ќе има шанса да види со каков квалитет располага противникот.
Првиот натпревар се игра на гостински терен во Шпанија на 9/10 март, додека реваншот е во Македонија на 16/17 март, освен ако двата клуба не се договорат за поинаква солуција. Фаворитската улога можеби е на страната на шпанскиот тим, поради поголемото искуство на ракометарките, но „лавиците“ од Ѓорче Петров покажаа дека и тие располагаат квалитет и се очекува да бидат тврд орев на четвртфиналниот двомеч.
Победникот од овој двомеч оди на победникот од двомечот меѓу Гран Канарија и Гранољерс.