Бутел на шопинг кај шампионот Вардар – се засили со голманот Богдановски

Чуварот на мрежата Марко Богдановски во наредните две сезони ќе биде меѓу стативите на Бутел Скопје и ќе формира трио со Градимир Чаневски и Атанасиј Трсунов.

Богдановски доаѓа од редовите на шампионот Вардар каде мина две и пол години по трансферот од Аеродром, а во овој клуб бранеше од 2022 до 2024 година.

25-годишниот голман потекнува од редовите на Металург, а низ кариерата имаше настапи и за тимовите на Јуниор Кисела Вода и Голден Арт.

Од Вардар доаѓа со освоена двојна круна и повторно ќе има можност да соработува со тренерот Стојанче Стоилов, кој од ова лето ќе го води Бутел Скопје.

Покрај на домашната сцена, Бутел Скопје ќе биде активен и на меѓународна сцена во ЕХФ Европскиот Куп.