Македонска Каменица доби ракометен клуб. Се роди Ракометен клуб Сокол Саса, со што овој град влегува и на ракометната карта на Македонија. На тој начин се зголемува и бројот на клубови од Источна Македонија
Како основачи на клубот се Дарко Костадиновски, Ѓоко Стаменковски, Кирил Манасиев, Игор Гошевски, Драги Стојковски, Стивен Мицевски и Андреј Лазаров.
Она што ја прави оваа информација посебна е фактот што Македонска Каменица досега не беше препознатлива како ракометна средина. Од овој град не се појавува активен ракометен клуб во сениорска или младинска конкуренција во последните сезони. Затоа формирањето на „Сокол Саса“ може да се гледа како почеток на нова спортска приказна во градот.
Македонска Каменица традиционално повеќе се поврзува со фудбалот и со ФК Каменица Саса, клуб основан во 1968 година, кој со децении е спортски симбол на градот. Тука е и ЖФК Каменица Саса, и женскиот кошаркарски клуб ЖКК Баскет Кам.
Сега, со ракометниот проект „Сокол Саса“, Каменица добива можност да развива уште еден колективен спорт, особено преку работа со млади категории.
Останува да се види како ќе почне новиот клуб да функционира – најверојатно со најмладите категории. Во последниот период во македонскиот ракомет се појавија неколку нови проекти. Беа регистрирани и РК Титан Тим од Скопје, како и РК Илинден, клуб зад кој стојат познати ракометни имиња и поранешни или актуелни репрезентативци. Последниот беше Маркови Кули од Прилеп.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























