Kадетен во драматичен финиш до полн плен против ГОГ, Нексе триумфално низ Шведска

Започна второто по квалитет клупско европско натпреварување, Лигата на Европа. Досега беа одиграни пет натпревари од кои поголемиот дел беа многу израмнети и интересни.

Дуелот од групата на Еурофарм Пелистер, помеѓу Кадетен Шафхаузен и ГОГ беше максимално израмнет и драматичен до самиот крај, а победата сепак им припадна на домаќините. Кадетен славеше 29:28 откако на две минути пред крајот имаше негатива, но со голот на Габор Часар во последната секунда ги освои бодовите. И по првиот дел беше еден предност за домаќините 14:13.

Хрватскиот претставник Нексе имаше одлично издание на гостувањето во Шведска против Алингсас и славеше победа 23:27 после голема борба во текот на целиот натпревар. Првиот дел беше доста израмнет, но Нексе замина на одмор со минимална предност 12:13. И вториот дел продолжи во ист ритам, а Нексе во финишот подобро се снајде, направи предност од четири гола и стигна до победата.

Бундеслигашот Магдебург имаше убедливо издание на гостувањето кај Бешикташ и славеше лесна победа со резултат 23:41. Уште по првиот дел се беше решено кога гостите имаа висока предност, 8:20. Вториот дел беше рутинско одработување за први бодови на Магдебург.

Интересен и неизвесен натпревар одиграа екипите на Динамо Букурешт и Спортинг, а победата им припадна на ракометарите на тимот од Португалија со 25:27. Спортинг до првите бодови стигна со за нијанса подобро издание во второто полувреме од противникот откако на полувреме имаше предност од еден гол 15:16.

Лига на Европа, 1. коло, Резултати

Алингсас – Нексе 23:27 (12:13)
Бешикташ – Магдебург  23:41 (8:20)
Динамо Букурешт – Спортинг 25:27 (15:16)
Кадетен Шафхаузен – ГОГ 29:28 (14:13)
Тулуз – Металург 33:29 (18:15)