„Изгледавме како некои дечиња изгубени во шума“

Селекциите на Унгарија и Полска, во рамките на ЕХФ неделата одиграа два дуели како дел од подготовките за настап на ЕП 2024 година.

Во Сегед, на првата средба, Унгарија славеше победа со 31-27, додека во Бекешчаба на вториот двобој, домаќините ја совладаа Полска со десет гола, 36-26.

Полскиот селектор, Марцин Лијевски, беше незадоволен од изданието на неговите избраници.

„Вториот меч беше многу различен од првиот. Јас сум многу разочаран и лошо се чувствувам, бидејќи не покажавме ништо од тоа што го планиравме. Имам впечаток дека Унгарците беа насекаде по теренот. Кај нас од стартот не функционираше ниту нападот, ниту одбраната. Изгледавме како некои дечиња изгубени во шума. Ова беше најлошо издание откако јас сум селектор“, вели Лијевски.

Полска ќе биде во група со Норвешка, Словенија и Фарски Острови на ЕП, додека Унгарците ќе играат против Србија, Црна Гора и Исланд.