ИХФ ја казни Ракометната федерација на Македонија со парична казна од 10.000 швајцарски франци поради однесувањето на македонските навивачи на вчерашниот натпревар меѓу Македонија и Холандија.
Освен Македонија, ИХФ го казни и ХРС (Хрватскиот ракометен сојуз) поради слабата организација на натпреварот. Од светската куќа на ракометот донесоа и одлука за затворање на дел од трибините, тоа се однесува на делот што се наоѓа веднаш зад клупите на двете репрезентации.
Од ИХФ сугерираат овој дел од трибините да остане затворен за сите натпревари до крајот на Мундијалот, а доколку се случи повторно да има инцидент на некои од натпреварите, тогаш Македонија во „Вараждин Арена“ би играла пред празни трибини.
Македонија утре против Гвинеја ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза на Светското првенство 2025. Избраниците на Кирил Лазаров со победа ќе го заверат пласманот во главната фаза, во која би пренеле еден бод.