Иранската ракометна федерација и официјално го назначи хрватскиот стратег Ненад Кљајиќ за нов селектор на машката сениорска репрезентација. Кљајиќ треба да пристигне во Техеран на 1 јули, кога и официјално ќе ја започне својата работа.
Кљајиќ е едно од најпознатите имиња во хрватскиот ракомет. Во играчката кариера настапи 69 пати за репрезентацијата на Југославија и дури 145 натпревари одигра за Хрватска. Меѓу неговите најголеми успеси се олимпиското злато од Атланта 1996, две титули во Лигата на шампионите и трофејот во Европскиот Супер куп.
Како тренер има богато меѓународно искуство. Го водеше Загреб до полуфинале во европските натпреварувања, а работеше и во Саудиска Арабија, каде двапати беше селектор на националниот тим. Со Саудијците избори пласман на Светско првенство, заврши меѓу четирите најдобри на Азиското првенство и го освои златниот медал на Исламските игри во 2017 година.
Во клупската кариера ги предводеше и Ал Рајан од Катар, Олимпијакос од Грција, Ал Араби од Кувајт и Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати.
Од Иран очекуваат искусниот хрватски стручњак да внесе нова енергија во националниот тим и да помогне репрезентацијата да направи нов исчекор во азискиот и светскиот ракомет.

























