Храбриот Еурофарм Пелистер скапо ја “продаде кожата”, ПСЖ се испоти за триумф

Екипата на Еурофарм Пелистер на гостувањето во Франција кај ПСЖ беше поразена со во натпревар од 4. коло од Лигата на шампионите со 31:26. За Еурофарм Пелистер денешниот пораз беше четврти во елитата, додека ПСЖ дојде до трет сезонски триумф.

Откако домаќините поведоа на стартот со 3:1, македонскиот шампион со погодоците на Пешевски и Радивојевиќ израмни на 3:3. Пелистерци добро се држеа во одбраната, не оставаа многу простор за напредок во играта на домаќинот, па така по пет минути игра резултатот беше 4:4.

Еурофарм Пелистер при нерешен резултат од 5:5 во неколку наврати имаше ситуации да дојде до прво водство, но домашниот тим го имаше расположениот Паличка. Ниту ПСЖ не играше најдобро и битолчани кон средината на првиот дел со голот на Пешевски ја презедоа контролата победувајќи со 6:5.

Избраниците на Јовиќ играа лавовски во дуелот со ѕвездениот тим на ПСЖ, кој никако не можеше да се одлепи на поголема предност. Битолчани предноста од еден гол разлика ја одржуваа до 15 минута, потоа домаќинот беше тој кој ја презеде иницијативата на терен, но немаше голема комоција во играта.

Во 20 минута беше 10:10, додека три минути подоцна резултатот гласеше 13:10 за домашниот тим. Серијата на ПСЖ беше прекината со голот на Петар Атанасијевиќ, кој намали на 13:11 во 25 минута. До крајот на полувремето, тимот од Битола постигна еден, а прими уште два гола за 15:12 на пауза.

ПСЖ во првите десет минути од второто полувреме на двапати имаше плус четири (17:13 и 18:14). Ракометарите на Јовиќ не се предаваа и во 40 минута дојдоа до минус еден, 20:19. Тоа беше последната закана на Еурофарм Пелистер, бидејќи до крајот на натпреварот домашниот тим беше во константна предност.

Најефикасни во тимот на Еурофарм Пелистер беа Жарко Пешевски и Уроз Борзаш со по пет погодоци. Листата на стрелци во победничката екипа беше предводена од Камил Шипжак со седум реализации.