Машката репрезентација на Холандија ќе добие нов селектор, откако ракометна федерација и Штафан Олсон одлучија да не ја продолжат соработката. Договорот на шведската ракометна легенда нема да биде продолжен, па „лалињата“ ќе влезат во нов циклус со ново име на клупата.
Од федерацијата кратко соопштија дека одлуката е донесена во коректни разговори меѓу двете страни и му се заблагодарија на Олсон за сè што направил за националниот тим и за развојот на машкиот ракомет во Холандија.
„Благодариме, Штафан, за сè што значеше за овој тим и за машкиот ракомет во Холандија“, стои во објавата на холандската федерација.
Олсон ја презеде Холандија во 2022 година, кога дојде како наследник на Ерлингур Ричардсон. Во тој период Холандија беше репрезентација во подем, со генерација предводена од имиња како Лук Стеинс, Кај Смитс, Дани Бајенс и Боби Шаген, а шведскиот стратег доби задача да го продолжи растот на тимот и да го доближи до европскиот и светскиот врв.
Под негово водство Холандија настапи на Светското првенство во 2023 година, каде што се пласираше во главната рунда и заврши на 14. место. Тоа беше прво појавување на Холанѓаните на светската сцена по пауза од повеќе од шест децении, а Олсон уште тогаш истакнуваше дека се работи за млад тим со потенцијал да се доближи до најдобрите.
Следниот чекор дојде на Европското првенство во 2024 година, каде Холандија повторно играше главна рунда и го освои 12. место. Во квалификациите за ЕП 2026, тимот под водство на Олсон го обезбеди билетот како второпласиран во групата, зад Фарски Острови, а пред Украина и Косово.
Олсон во Холандија дојде со огромно име зад себе. Како играч беше дел од златната генерација на Шведска, со која освои две светски титули, четири европски титули и три олимписки сребра. Подоцна, како тренер, со Хамарби освои три титули во Шведска, а со шведската репрезентација, заедно со Ола Линдгрен, стигна до сребрен медал на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.
Во кариерата работеше и како асистент во ПСЖ, а во 2024 година беше примен во Куќата на славните на ЕХФ, како признание за неговиот голем придонес во европскиот и светскиот ракомет.























