Група Д: Различни школи и системи – Словенија се враќа на вистинскиот пат, Норвешка брка медал

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Група Д за 24Ракомет ја анализира Иван Марковски.

Во предвечерјето на почетокот на Европското првенство во Германија 2024 на неколку дена од самиот почеток репрезентациите ги прават и последните проверки и подготовки за што подобар пласман и отворање на турнирот на најдобар можен начин како би ги зголемиле шансите за однапред поставените амбиции, многу пријателски натревари, турнири но и неочекувани проблеми со повредени играчи кои им задаваат доплнителни проблеми на тренерите на одредени репрезентации. Но да одиме по ред и во анализата која ја добив ќе го дадам своето мислење за Групата Д која според мене е една од најизедначени и притоа никако не потценувајќи ја репрезентацијата на Фарските Острови која може да биде клучна во редоследот и конечниот пласман во понатамошниот тек од турнирот, затоа ќе почнам со нив и тоа како јас го гледам нивниот настап на ова Европско првенство.

ФАРСКИ ОСТРОВИ

Со самиот пласман репрезнтацијата на Фарските Острови ја импресионираа европската, а и светската ракометна јавност со самиот пласман на своето прво големо натпреварување. Во квалификациите имаа ни малку наивна група со квалитетни репрезентации како Австрија, Романија и Украина, но и во едно така квалитетно друштво го потврдија своето учество на завршниот турнир во Германија. Завршија како една од најдобро трето пласираните репрезентации благодарејки на победите на домашен терен над Романија, 28-26 и Украина, 33-26, осовија четири бодови кои беа доволни за пласман на Европското првенство.

За разлика од другите репрезентации, Фарските острови во својот состав ќе се потпираат на не многу искусни играчи. Некои од нив своето искуство го стекнуваат низ европските лиги каде настапуваат. Дел од нив се покажаа како главни адути низ настапот на нивните младински селекции каде имаа видни и забележителни резултати и настапи и се наметнаа во сениорскиот тим. Имаат само еден играч кој настапува во домашното првенство. Тоа ќе биде и тој дополнителен мотив за докажување на своите квалитети и имплементирање на самите себе на ракометната карта на Европа.
Левиот бек Оли Митун, средниот бек Елијас Елефсен и десното крило Хакун Вест ав Теигум се играчите кои ќе бидат клучни фактори во нивната репрезентација, некои од нив како Елијас Елефсен и Теигум се веќе дел од силните германски тимови како Кил и Берлин и доволно зборува за нивниот потенцијал и квалитет.

Но се ова немаше да биде постигнато и остварливо ако во нивниот тим не беше и нивниот селектор Петер Брендсдорф – Ларсен, Данец на клупата на Фарските Острови, кој на некој начин ја исполни и желбата на нивните фанови и навивачи да ја одведе за прв пат нивната селекција на едно големо натпреварување, пред да седне на клупата негов најголем резултат е златниот медал со Данска 2008 како помошник на нивниот тогашен селектор Гудмундур Гудмундсон.

Иако и самиот нивни пласман на првенството е голем успех растоварени ќе пробаат да изненадат некој од фаворитите затоа оваа група ја прават интересна и крајно изендначена.

СЛОВЕНИЈА

Словенија е една од репрезентациите која е редовен учесник на сите големи светски и европски натпреварувања, и се надева дека ќе се врати на правиот пат после разочарувачкото 16 место на последниот шампионат. Како последица на тоа беше сменет и тогашниот селектор Љубомир Врањеш за на негово место да дојде легендарниот Урош Зорман кој е 12 селектор во нивната историја. Во Германија одат мотивирани со една нова визија и амбиција како би ја повториле 2004 година и нивниот сребрен медал. Нема да биде нималку лесно во една ваква конкуренција но тие имаат доволно квалитет да го повторат успехот.

Тие со пристапот кој го имаа во квалификациите покажаа дека сериозно треба да се смета на нив, групата во која играа ја освоија со еден пораз во конкуренција на Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Јуре Доленец, Алех Влах, Миха Зарабец, Дејан Бомбач се докажан квалитет и со право ќе се надеваат на висок пласман ако знаеме дека потпомогнати со плејадата на млади играчи кои потекнуваат од нивната школа ќе биде дополнителен нивни мотив и квалитет за остварување на нивните високи амбиции. Блаж Јанц поради повреда ќе го пропушти овој турнир, но Маргуч е доволен квалитет и сигурност на десно крилната позиција.

Ова ќе биде нивно 14 учество од 16 одржани првенства до сега и секако ќе биде добра шанса за нивно докажување и потврда дека можат да се натпреваруваат со најдобрите репрезентации за највисок пласман.

НОРВЕШКА

На Европското првенство 2016, Норвешка го најави своето враќање во врвот на европскиот и светскиот ракомет. Најголемиот нивни успех беше освоениот медал на ЕП 2020, а следното првенство 2022 беа на 5 место. Од 2016 година тие се во самиот врв на светскиот ракомет и се наметнаа како сериозна репрезентација која прави резултат во континуитет. Во 2017 и 2019 година два пати по ред играа во финалето на Светското првенство и иако загубија тоа за нив беше потврда дека се враќаат на голема врата, сепак медалите само им ја зголемија самодовербата дека системот дава резултат и дека сепак не е случајно нивото враќање на сцената, резултатите само го потврдија тоа. Освен медалите Норвешка за прв пат се квалификуваше и на Олимписките игри во Токио 2020 година и го освои 7 место.

Следниот шампионат Норвешка сигурно ќе атакува на највисок пласман и борба за медалите, тоа го покажа и во квалификациите каде завршија како први пред Србија како единствен сериозен конкурент и со само еден пораз го најавија атакот на врвот.
Норвешкиот тим е одлично селектирана репрезентација со долга клупа и ред на добри индивидуалци во своите редови, крила кои ретко промашуваат, брзи во транзицијата но само едно име ја прави разликата во нивниот ростер во името на Сандер Сагосен, искусен играч кој во неколку наврати беше избран во Ол стар тимот на последните три европски наптреварувања и го држи рекордот на најповеќе постигнати голови 65 на едно ЕП, доволно да се наметнат како репрезентација број 1 фаворит во групата. Тука се голманот Бергеруд, крилата Бартолд и Бјорнсен, Гулеруд, Рајнкинд…

ПОЛСКА

Полска на овој турнир го најави своето враќање на старата слава кога бележеше резултати од светски рамки. Марчин Лијевски е новиот предводник на нивната репрезентација и ја доби довербата од Полската федерација со пет годишен договор доволно временски период да ја врати Полска во времето кога освојуваше медали на големите наптреварувања. ЕП 2024 ќе биде негово прво големо натпреварување и шанса да докаже дека е правилниот нивни избор за таа позиција. Последен забележителен настап беше бронзениот медал на Светското првенство 2015 година.

Ако некој знае како се освојува медали и трофеи сигурно е тоа Лијевски кој во својата кариера имаше забележителни клупски и индивидуални достигнувања и сигурно неговиот победнички и освојувачки менталитет ќе го пренесе на своите избраници. Сега е прашање дали тоа може да го простигне и како тренер. Симон Сичко играчот на Келце е главната нивна звезда и играч со голем прогрес и континуитет, Михаел Дашек сигурно со неговото искуство и настапите во Висла Плоцк ќе придонесе во квалитетот на нивната репрезентација, Камил Шипжак пивотменот на ПСЖ е уште еден од играчите кои ја прават Полска сериозен противник и кандидат за следната фаза од турнирот. Ваква Полска изгледа спремна за добар резултат иако се наоѓа во една од најизедначените групи на првенството.

Навидум неатрактивна, но сигурно изедначена група во која очекувам добар ракомет од различни ракометни школи и системи што ќе биде дополнително уживање за влубениците на ракометната игра.

Ѐвропското првенство 2024 во ракомет може да почне…

*Иван Марковски е поранешен македонски репрезентативец кој сега успешно гради тренерска кариера. Битолчанецот во богатата играчка кариера ги носеше дресовите на Пелистер, Вардар и Металург во Македонија, играше за Метковиќ Јамбо, Загреб, Осијек, КАИ Арагон, Џенерали Трст…а тренерска кариера ја започна во тогашниот Еурофарм Работник, работеше и во Мулти Есенс, Металург, како и тимови од Франција, Кина и Катар.