Женската сениорска репрезентација на Македонија вчера го имаше првиот собир во рамките на ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две средби со еден од домаќините на ЕП, Австрија.
Селекторот Кристијан Грчевски вели дека контролните дуели со Австрија треба да дадат јасна слика за моменталната сила на македонската репрезентација, а го радува фактот што поголемиот број репрезентативки играат во силни првенства.
,,Во оваа ЕХФ недела влегуваме во еден техничко-тактички дел од подготовките за Европското првенство. Двомечот со Австрија ќе биде слика за тоа до каде се девојките во оваа фаза. Голем дел од нив променија клубови летово и мислам дека се на едно ниво погоре на почетокот на сезонава, што е добар знак за репрезентацијата. Австрија треба да биде показател за тоа до каде сме и да ни даде насоки за тоа што и како да работиме во продолжение и што треба да смениме за следната ЕХФ недела”, вели Грчевски.
Бидејќи неколку ракометарки пријавија проблем со повреди, македонскиот стратег се надева дека 80 посто од ростерот ќе го има на располагање за контролите со австриската репрезентација.
,,Најважна ќе биде одбраната, дел од играчите ќе добијат некои индивидуални задачи кои треба да покажат дали може да ги исполнат. Некои девојки пријавија проблеми со повреди, но нема никој дополнително да повикам, имаме доволен број на девојки на списокот. Ќе добијат шанса помладите. Се надевам дека не станува збор за посериозни повреди и дека следната ЕХФ недела ќе бидат во добра форма. Не зафати и некој вирус, но јас се надевам дека барем 80 посто од екипата ќе ја имам на располагање во Австрија и ќе се покажеме во добро светло. Резултатот, секако, не е во приоритет меѓутоа мора да го имам барем поголемиот дел од ростерот за да пробаме и да видиме што навистина можеме“, заврши Грчевски.
Првата средба ќе се игра в сабота од 17:00 часот, додека вториот дуел меѓу Македонија и Австрија е на програмата в недела на 29 септември од 15:45 часот.
Македонија во рамките на ЕХФ неделата во октомври, ќе биде дел од „Трофеј Карпати“ во Романија од 25 до 27 октомври.