Aмбициозниот Охрид го комплетираше играчкиот кадар за сезоната 2026/27 и со 22 ракометари ќе ги започне подготовките за новите предизвици. Првата прозивка на тренерот Борис Ројевиќ е закажана за 24 јули, кога официјално ќе стартуваат подготовките за новата натпреварувачка сезона.
Охриѓани ги очекува исклучително напорна сезона. Покрај борбата за највисок пласман во домашното првенство и Купот на Македонија, „гладијаторите“ повторно ќе настапуваат и на европската сцена, каде ќе имаат дополнителен мотив – да го одбранат трофејот во ЕХФ Европскиот куп, освоен минатата сезона, но ќе играат и во Регионалната лига во група со Вардар, Војводина, Динамо Панчево и Будва.
Во ростерот остана костурот на тимот што испиша клупска историја, а летните засилувања треба да донесат уште поголем квалитет и конкуренција на сите позиции. Најзвучни имиња меѓу новајлиите се хрватскиот голман Дино Славиќ и унгарскиот репрезентативец Доминик Мате, од кои се очекува да имаат значајна улога во играта на охридскиот тим.
Со комплетиран состав и јасно поставени амбиции, Охрид наскоро ќе започне со подготовките, а пред Ројевиќ и неговите избраници следува сезона во која клубот ќе се обиде да го потврди местото меѓу најдобрите во Македонија и повторно да биде конкурентен во европските натпреварувања.

























