Битолчани мислат на иднината – пријавија шест екипи во младинските категории

Во семејството на Еурофарм Пелистер покрај на двете сениорски екипи, активно се работи и формирањето на ростерите и тренерскиот кадар во младинските екипи, кои запишаа успеси во минатата сезона, а младинскиот тим беше дел и од Лигата на шампионите.

Освен двете сениорски екипи, битолчани пријавија уште шест екипи во сите три младински категории – пионери, кадети и младинци, па од семејството на Еурофарм Пелистер ќе бидат активни во сите домашни конкуренции.

Сите тренери што работеа во минатите сезони, продолжуваат и понатаму со работа во младинските состави, но направена е реорганизација.

„Фарук Мемиќ ќе биде координатор на младинските категории, ќе биде асистент во сениорскиот тим на Еурофарм Пелистер 2, а заедно со Васко Димитровски ќе ја предводи младинската екипа (2008/09), со главна цел подготовка на што поголем број играчи за сениорскиот тим.

Кире Поповски и Игор Николовски ќе ја предводат новоформираната пионерска екипа на Еурофарм Пелистер 2 (2012/13), која ќе настапува и во кадетската конкуренција, а ќе продолжат и со работата во ракометната школа.

Кире Митревски и Стевче Стефановски ќе го водат кадетскиот тим на Еурофарм Пелистер (2010/11), кој ќе се натпреварува и во младинската конкуренција, додека Михајло Силјанов ќе ја предводи пионерската екипа на клубот“, се вели во клупската објава.