Грчевски: Освен победа ништо друго не доаѓа во предвид против Азербејџан

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ги започнува квалификациите за Европското првенство во Австрија, Унгарија и Швајцарија што ќе се игра во 2024 година.

Селекторот Кристијан Грчевски ова лето работеше со кадетките, а од скоро го презема и сениорскиот состав што ќе го води овој циклус. Тој вели дека нема разлика од работата во машкиот и женскиот ракомет.

„Не би рекол дека е нешто потешко да се работи во женскиот ракомет, но и со машкиот е тешко, никој не би рекол дека е лесно, можеби дека нивото е малку пониско кај нас во женскиот ракомет, можеби поради тоа е малку потешко да се работи, но се е друго исто. Кадетките се друго, овие девојки се други. Сениорките се поискусни, разбираат, професионалки се, и мислам дека нема да биде тешко со овие девојки како што беше со кадетките. Мислам дека ќе биде добро. Одржавме четири тренинзи во комплетен состав“, вели Грчевски.

Селекторот вели дека денеска во предвид доаѓа само победа.

„Имаме направено анализи за Азербејџан, освен победа, ништо друго не доаѓа во предвид. Не би требало да имаме проблеми против Азербејџан, не потценувам никого,но мислам дека не се доволно солиден противник, добро ќе биде да стартуваме со позитивен старт, со позитивен резултат и да се направи победничка атмосфера. Исто така и за вториот натпревар со Литванија имаме погледано некои видео материјали. Селекцијата на Литванија е добра, доколку победиме таму, со една нога веќе сме на Европско првенство, но се зависи од нас. Мислам дека со Азербејџан нема никаква опасност, а Литванија за нас ќе биде се или ништо. Има добра атмосфера меѓу нас, тоа е најбитно“, продолжи селекторот.

Тој вели дека во иднина ќе има промени во ростерот и повеќе ракометарки ќе добиваат шанса.

„Списокот не е затворен, во иднина секако ќе менуваме. Сакам да им дадам шанса на повеќе ракометарки“, заврши Грчевски.

Во стручниот штаб на Грчевски се двете легендарни ракометарки, Ања Алтхаус и Едуардна Аморим Талеска, кондицискиот тренер Тодор Филиповски, како и физиотерапевтите Марија Танчева и Ненад Добревски.

Првиот меч против Азербејџан се игра вечерва во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.