Женската репрезентација на Македонија ќе игра против Унгарија, Шведска и Турција на претстојното Европско првенство.
Капитенот Елена Ѓорѓиевска ги сподели очекувањата од настапот на Македонија, кој ќе биде втор по ред, по оној во 2022 година, но прв изборен преку квалификации по оној во 2012 година.
„Среќни сме што после 12 години се пласиравме на Европско првенство преку квалификации и ова го чекавме со нетрпение. Битно е да покажеме дека македонскиот ракомет се враќа на високо ниво и има одлични млади таленти кои Европа треба да ги запознае. Ги знаеме добро ривалите, бидејќи со Шведска игравме повеќе пати, а Унгарија е домаќин и квалитетна репрезентација, а против нив треба да покажеме дека можеме да се носиме со сите. Јас верувам во девојките, има одлична хемија, а ќе имаме и доволно време да се подготвиме, да дадеме максимум и да изгинеме на терен. Јас верувам во чуда, се игра 60 минути и никогаш не знаеш што може да се случи. Турција е исто така интересна репрезентација која е во подем. Целта е да се подготвиме добро, да изгинеме на терен и против сите да дадеме отпор и да покажеме дека можеме со сите“, изјави Ѓорѓиевска.
Македонија го започнува настапот на ЕП со дуел на 28 ноември против селекцијата на Шведска, на 30 е дуелот со Турција, додека на 2 декември ќе биде пресметката со домаќинот Унгарија.