ЖРК Ѓорче Петров продолжува со градењето на тимот за следната сезона и ја потврди соработката со две пивотменки – Анастасија Трпеска и Ива Велкова, кои ќе останат во клубот и во новата натпреварувачка година. Актуелниот освојувач на двојната круна сезонава ќе го задржи јадрото на тимот и ќе продолжи со стабилност во ростерот, задржувајќи ги оние кои успешно се вклопуваат со системот. И секако ангажирајќи играчи на позиции што се дефицитарни и на кои треба подобар квалитет.
Трпеска е 20-годишна пивотменка од Скопје и важи за перспективна ракометарка која веќе неколку сезони гради континуитет во сениорскиот ракомет. Таа потекнува од системот на Ѓорче Петров, а играше и во Металург Автокоманда, по што се врати во клубот каде ги помина младите категории. Во изминатиот период имаше и европски настапи.
Велкова, пак, дете на Ѓорче Петров останува како уште една важна опција на линијата од шест метри како играч што ја зголемува ширината на ротацијата и му дава на стручниот штаб повеќе тактички решенија.
Задржувањето на двете пивотменки се вклопува во клупската стратегија за континуитет по сезоната во која „лавиците“ ја освоија и титулата и Куп трофејот. Ѓорче Петров со овие потези сака да ја задржи стабилноста што донесе резултат, но и да влезе уште посилен во предизвиците што следуваат – со амбиција да ја продолжи доминацијата дома и да направи чекор напред на европска сцена.
Во следниот период се очекуваат и нови информации околу составот, дополнителните засилувања и планот за подготовките на шампионскиот тим.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























