Гемаљевиќ и Велков едногласни: Срцето ни е полно, победивме големо име!

Ракометарите на Тиквеш ја остварија можеби најголемата победа во клупската историја и го совладаа Вардар со 22-20 во Кавадарци.

Одличното голманско дуо, Јанко Гемаљевиќ и Марјан Велков, имаше значајна улога во триумфот над двократниот европски првак.

Српскиот голман вели дека не можеше да биде никако поинаку освен победнички, пред таква публика како во „Јасмин“.

„Победивме големо име и сериозна екипа. Не знам дали можеше поинаку во овие услови пред ваква публика која дојде да не поддржи. Првото коло го игравме без нив, па имавме тешко гостување во Скопје и загубивме со само еден гол разлика. Навистина ни е важна оваа победа и овие бодови. Им благодарам на навивачите кои ни беа осмиот играч и придонесоа многу за овој резултат. Јас не се сеќавам дека сум одиграл пофајтерски натпревар во последните неколку сезони“, вели Гемаљевиќ.

Велков во финишот спаси неколку ситуации за погодок.

„Знаевме дека ќе биде тесен натпревар, дека ќе одлучуваат една или две топки. Така и испадна на крај, можеби и моите топки на крајот пресудија, но да не се фалам. Јас сум од Кавадарци, знаеме дека во „Јасмин“ играме секогаш пред одлични навивачи во прекрасна атмосфера. Срцето ни е полно. Ветар во грб добиваме од публиката. Се спремавме напорно цела недела. Лани исто нерешено со Вардар, на една топка. Сега исто така беше тежок натпревар, можеби минатиот пат со Алкалоид не не посака, но Господ е голем, гледа се и сега ни врати“, вели Велков.

Следен предизвик за Тиквеш ќе биде гостувањето кај Бутел Скопје следниот викенд.