Фленсбург е новиот владетел во Лигата на Европа

Ракометарите на Фленсбург се новите шампиони во Лигата на Европа, откако во финалето на Ф4 турнирот во Хамбург славеа над ланскиот освојувач, тимот на Фуксе Берлин, со 36:31.

За Фленсбург ова е прв европски трофеј по долгогодишна пауза, последниот го освои во Лигата на шампионите пред десет сезони. Фуксе Берлин ќе мора да се задоволи со освоеното второто место.

Во првото полувреме двете екипи имаа свои моменти, тимот на Фуксе Берлин отвори според посакуваното, водеше со 4:1 во воведниот дел, но Фленсбург во 15 минута се врати во игра израмнувајќи на 7:7 и од тој момент се играше гол за гол. По 30 минути игра резултатот беше 15:14 за составот на Крикау.

Најзаслужен за минималната предноста на Фленсбург на полувреме беше голманот Кевин Молер. Искусниот голман имаше 38% успешност на одбранети удари забележувајќи осум интервенциии од 21 удар. На спротивната страна, екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев, имаше 3 интервенции во првиот дел.

Фленсбург на стартот на вториот дел се одлепи на плус три, 18:15. Минатогодишниот освојувач на титулата до 42 минута бркаше негатива од еден до три гола, потоа го израмни резултатот на 21:21. По камбекот на Фуксе Берлин, избраниците на Крикау фатија залет, се одлепија на солидна позитива од три гола и до крајот беа подобриот противник на теренот.

Најефикасни во победничката екипа беа Емил Јакобсен со седум и Симон Питлик, Лукас Јоргенсен и Ласе Молер, кои постигнаа по шест погодоци. Кај Фуксе Берлин најефикасен со седум погодоци беше Џери Толбринг.

Третото место го освоит тимот на Рајн Некар со победата над Динамо Букурешт од 32:31 (15:18).

Предводник во тимот на „лавовите“ беше репрезентативецот на Данска, Никлас Киркелоке, кој постигна седум погодоци, а го следеа Јаник Колбахер и Тобијас Рајхман со шест, односно пет погодоци.

Во составот на Чави Пасквал прв стрелец беше Миклош Роста со шест погодоци, по пет постигнаа Станислав Кашпарек, Андри Акименко и Али Зеин Мохамед.

Рајн Некар следната сезона нема да учествува на европска сцена, бидејќи не успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите пет екипи во Бундес Лигата. Динамо Букурешт повторно ќе бара вајлд-карта за настап во европската елита.