Некогашниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски по една деценија ќе замине од бундеслигашот Вецлар на крајот од оваа сезона.
По десет сезони, од кои седум беше и играч, две сезони ја имаше улогата на тренер и играч, а последните три се посвети само на тренерската работа како асистент, иако во повеќе наврати го водеше Вецлар и како прв тренер.
„Сакаме да му се заблагодариме на Филип од дното на срцето за посветената работа и неговата лојалност кон Вецлар. Секогаш беше посветен на клубот, не само на теренот туку и надвор од него“, изјави спортскиот директор Јасмин Чамџиќ.
Миркуловски одигра повеќе од 300 натпревари во дресот на Вецлар и си заслужи место во историјата на клубот.
„Благодарен сум за времето што го поминав овде како играч и за можноста да се докажувам како тренер. Секако дека сум тажен што повеќе нема да бидам дел од клубот, а во моментов ги разгледувам можните варијанти за продолжување на мојата кариера“, изјави Миркуловски.
Момир Илиќ од лето доаѓа да го води Вецлар на местото на Франк Карстенс, а кој ќе го замени Миркуловски останува да одлучи српскиот стратег.